Говор на телото – како да го “прочитате” соговорникот

Во комуникацијата со другите, постојано испраќаме и примаме бројни невербални и несвесни сигнали. Невербалната комуникација е многу помоќна од вербалната. Според некои истражувања, 50% – 90% од комуникацијата е невербална. Ако знаете да го читате говорот на телото на соговорникот и какви сигнали испраќате вие, многу ќе ви помогне во понатамошната комуникација. Еве неколку трикови како да го “прочитате” соговорникот:

При седење, нозете треба да бидат во природна положба, а не скрстени. Психолошки, вкрстените нозе се сигнал дека личноста е ментално, емоционално и физички затворена, што може да значи дека е мала веројатноста да попушти во преговорите. Тресење на нозете е сигнал на вознемиреност и нервоза.

Благо наклонување кон соговорникот покажува фокусираност кон разговорот. Ако сакате да делувате доминантно и авторитативно, стојте исправено со рамениците наназад. Стоeње или седење во згрбавена положба укажува на несигурност, вина или слабост.

Ако рацете се покрај телото, тоа остава впечаток дека сте отворени кон нови идеи. Доколку вашите движења и начинот на кој седите или стоите, се отсликува кај соговорникот, разговорот оди во добра насока, задоволството е двострано.

Ракувањето е можеби еден од најважните начини на невербалната комуникација. Преку ракувањето го одредувате тонот на разговорот. Овој контакт многу добро ја отсликува дозата на искреност.

Насмевката внесува опуштеност во комуникацијата. Кога се смеете искрено, околу очите се прават брчки, доколку глумите – тогаш ги нема. Кога некој го прифаќа вашиот хумор, најверојатно е заинтересиран за вас.

Комуникацијата со очи е исто така многу важна. Соговорникот треба да го гледате во очи додека му зборувате, но и кога тој ви зборува. Доколку соговорникот често ве погледнува во очи, значи дека комуникацијата е искрена и отворена. “Зјапањето” пак, покажува агресивност, а може да значи дека тој со кого разговарате ве лаже. Ако соговорникот премногу трепка, значи дека му е непријатно додека разговарате. Подигнување на веѓите, пак, укажува на грижа, неискреност, па дури и страв.

Движењата рака – лице, како што се држење на брадата, чешкање по лицето, покажуваат загриженост или недоволна убеденост во зборовите на соговорникот. Ако соговорикот ја покрива устата додека зборува со вас, можно е да не ја кажува вистината.

Фото: Pixabay