Неколку правила за одржување добар однос мајка – ќерка

За една врска да функционира, треба да се потрудат двете страни. Така е и со релацијата мајка – ќерка. Оваа релација може да варира од многу блиско пријателство, до отуѓеност. Без разлика каква е релацијата со ќерката, секогаш пости можност врската да се подобри.

Во продолжение неколку правила за одржување добра релација мајка – ќерка:

Отворена комуникација

Помалите деца имаат поотворена комуникација со своите родители. Како растат, така почнуваат да се затвораат. Затоа е важно да се воспостави отворена комуникација уште рано, за ќерките да се чувствуваат комотно со мајките и да можат отворено да разговараат за лични работи. Како растат и се менуваат ќерките, така и мајките треба да се прилагодуваат на начинот на комуникација. Комуникацијата не мора секогаш да биде со седење една спроти друга. Ако треба, праќајте си СМС пораки, допишувајте се на Вибер, Месинџер…

Доверба

Довербата е многу важна компонента од добриот однос мајка – ќерка. Ако ќерката сподели нешто со мајката, мора да знае дека за тоа нема да биде осудувана или критикувана. Ќерките треба да веруваат дека мајките се тука за совет, за поддршка. Кога се во прашање советите, мајките треба да даваат свое мислење само кога тоа ќерката ќе го побара. Во спротивно, постојаното “солење памет” може да испрати порака дека мајката не верува во способноста ќерката сама да се снајде и да се справи со ситуацијата.

Емоционална поддршка

Мајките треба да бидат тука кога на ќерките им треба емоционална и друг вид на поддршка. Според форензичкиот психолог Џони Џонсон, постојат четири видови поддршка што им требаат на луѓето во тешки моменти: емоционална, охрабрување, преку допирање и преку давање совет. Мајките и ќерките можат да го одржуваат добриот однос ако континуирано се поддржуваат една со друга.

Решавање конфликти

Конфликтот е дел од секоја здрава врска. Не може да се очекува две личности да се согласуваат во сè, секогаш. Кога ќе се појави конфликт меѓу мајка и ќерка, важна е техниката за справување со истиот, а тоа вклучува компромис, комуникација, активно слушање и подготвеност за простување.

Создавајте заеднички специјални моменти

Заеднички поминатото време на мајка и ќерка е бесценето. Овде важи правилото “Не е битен квантитетот, туку квалитетот”. Живееме брзо, затоа најдете време да бидете заедно и креирањето специјален момент нека ви биде приоритет.

За крај, почитувајте ја својата ќерка, научете да ѝ признаете кога ќе згрешите и пружете ѝ многу љубов. Тоа ќе ја направи вашата врска посилна од било што друго.

Фото: Pixabay