Нема мал или голем успех… Кога една може и една прави, успех е!

Дороти Пачкова, свежо лице, мајка и жена борец, глас што одамна беше потребен за да се менува свеста…

Таа ја имаше храброста да започне едно, пред сè, хумано движење да ги здружи сите родители кои сами ги гледаат своите деца, да придонесе за подобро утро кое ќе прерасне во ден полн со разбирање и мирна ноќ за сегашните и идни генерации.

Дороти е мајка, уметник, визионер, борец за правата на обесправените, иноватор… Како го спојувате сето ова?

Ако сте биле до работ на сето она кое го знаете, верувате само во едно од двете нешта и терате. Верувате дека што и да излезе од сето, на крајот или ќе се приземјите или ќе ви израснат крилја. И така бидува, иако сум приземјена, умеам да ги раширам крилјата и балансирам.

Една може и Една Прави се она што сакате сите да го знаат и признаат. Колку досега овие две организации направија за сите самохрани мајки и што е следно на агендата?

Една може! е Граѓанска Организација, а Една прави е иновативна социјална компанија. И двете се родени многу спонтано, како резултат најпрво на непомирливоста кон огромната неправда кон жените, жените мајки, жените самохрани мајки посебно.

Според сите досегашни истражувања, не постои во Македонија друго “грас рут“ движење, посебно не женско, кое функционира и се бори за своите сопствени права. Постојат Граѓански организации коишто имаат за цел остварување на права на групи на жени, но кои оние кои ги водат не припаѓаат, значи работат и говорат во нечие друго име.

Иако има Граѓански Организации што одлично си ја работат работата, и од коишто учиме многу, тоа е нивна работа, за разлика од нас. Нашата работа, на нас, од Една може! и од Една прави се нашите животи, ние сме гласот на обезгласените. Ние сме оние кои се обезгласувани, замолчувани, па охрабрени да проговорат. Не постои дилема дали изработуваме добро за на крајот од месецот да добиеме плата, хонорар, кариерно остварување или не. Кај нас се знае дека борбата е во тоа да не дозволиме да бидеме замолчени. Да не дозволиме да живееме угнетени. Да постигнуваме и одржуваме слобода.

Една може! под број еден го покрива делот на зајакнување на сличните нас, на самата целна група и под број два притиска кон родова еднаквост преку системски измени и застапување на правата пред Државни и Интернационални засегнати страни. Всушност едната гранка покрива обуки и јакнења на жени за да се освестуваат и застапуваат себе и втората гранка ја инволвира државата, анализира и преобмислува законски решенија.

Една прави, расте и го решава класниот  проблем на самата целна група, на самите нас и носи бенефит во еколошки, економски и социјални сфери. Значи не само што нудиме еколошка, висококвалитетна козметика за нега и хигиена, туку и остручуваме и вработуваме угнетувани и оневозможувани жени и млади од еднородителски семејства, а при тоа отвораме можност за самоодржливост и на Една може!

Следниот чекор е: да продолжиме да растеме!

Како Дороти го мери успехот?

Стандардните мерки  како и стрелките на часовниокот, бројките и годините, не ми се омилени алатки иако имам аларами за сè и сешто што ме потсетуваат на агендата на обврски што си ги задавам, за да постигнам успех. Остварување на краткорочните цели, коишто неминовно водат кон остварување на долгорочните, ми покажуваат дека сум на патот каде се чуствувам успешна. При тоа, начинот на којшто се чуствувам наутро штом се пробудам, и чувството со коешто заспивам се индикатори број еден за мене, да знам дали успевам и дали некаде грешам и дали набиената агенда во текот на денот ме води кон успех. Според мене, нема мал или голем успех и немерлив е во таа смисла. Кога постигнуваш успех, успех е.

Меѓу другото дел сте и од еден иновативен бизнис. Дали во Македонија имате поддршка за ваков голем проект?

Имам чест и среќна сум што сум дел од суштествената и длабоката приказна на Една прави. Целта на Една прави е да генерира капацитети за иновации во економски сектор и општествено корисни подрачја, преку редефинирање на општествени вредности.

Очекувањата во однос на поддршката, искрено изјавувам, се испоставува дека беа преголеми, иако ги сместивме и во слаби страни па сме подготвени да ги превенираме. Тоа е вербата во светот и луѓето што ја носиме во себе, а којашто ни ја спалуваат на микросекунди, многу често. Но, што е тука е. Имаме поддршка од свесни поединци/ки кои имаат капацитети да ја видат големата слика, а неопходна е поддршка од донесувачи/чки на одлуки, од силни жени, од свесни мажи, од клучни институции и од правдољубиви граѓани/ки. Имаме поддршка од CEED Hub Skopje и од ИМЕ програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а наша заедничка задача е да им ја покажеме мултиплицираната придобивка од вклучувањето и растењето на Една прави и тоа е она на коешто сме фокусирани во овој период.

Каков совет би им дале на младите претприемачи кои имаат желба да влезат во водите на бизнисот.

Микро светот на денешниве генерации го восприемам преку растењето на син ми. Новите генерации се сè помудри. Живеат со инакви предизвици од нашите, но и со инакви можности. Син ми, ми е жив и најљубен пример, за она каква иднина го чека светот со деца какви што се денешниве. Ние им трасираме пат, за тие и нивните деца да раснат во понежен и поробусен свет. Она што им го порачувам на идните генерации на претпримачи/ки, е она кое му го покажувам на син ми, сè што прави да прави со љубов, најпрво кон себе, па потоа кон животот и луѓето.

Она на коешто сметам дека токму идните генерации ќе се посветуваат е социјалниот бизнис. Бизнис којшто не носи добро само под една ставка, бизнис којшто е многуслоен и е бизнис модел којшто е сличен на бизнис моделот на Една прави. Така само може да градат умни бизниси, социјални иновативни бизниси што решаваат сериозни и круцијални предизвици и го формираат светот во поудобно место за постоење.

Видете ги “пленумците“ како растурија. Многу може да научиме од новиве генерации. Она што сакам да ги замолам идните генерации е да бидат вака прекрасни како што растат и да продолжат да ни ги греат срцата.

Самата велите дека имате многу улоги. Во која улога се пронаоѓате најмногу, а каде допрва треба да се докажете?

Хахахаа, ова со улогите звучи малку смешно. Идентитетските прашања се менливи и флексибилни. Она што овој период од животот најмногу ме мотивира да се остварувам е токму идентитетот на иноваторка-социјална претприемачка. А поради тоа што раснам секој ден во овој идентитет, имајќи ги искуствата од мноштвото други идентитети, едвај чекам да видам во што ќе прераснувам.

Што е крајната цел на Дороти и на сите мајки вклучени во Една може. Кој и како може да помогне за приказната да има среќен крај?

Функционалноста на Една може! и Една прави, со крајна цел – рамноправност и ослободување на системски угнетените, е клучниот сегмент којшто дејствуваме да се случува. Сметам дека тоа е најдостижно токму преку заложбата и поддршката кон истите од сите нас. За среќен дискурс, не само крај, ги поканувам сите кои веруваат во силата на животот, кои работат на себе, заедно да го преобмислуваме светов во подостоен за живеење.